На јавното и телевизиски пренесувано сослушување синоќа во рамките на истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп, се дознаа нови детаљи од наводно оркестрирана кампања спроведена од блискиот круг на претседателот чија цел била странска држава да наштети на опонент на Трамп.
На распитот учествуваа американскиот амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор и Џорџ Кент, кој во Стејт департментот ги надгледува односите со Украина.
Клучниот момент во шест и полчасовното сослушување беше кога Тејлор откри дека вработен во неговиот тим бил присутен на телефонски разговор помеѓу амбасадорот на САД во ЕУ, Дејвид Сонленд и Трамп, во кој претседателот напоменал збор „истрага“.
-Мој службеник укажа дека Сонленд му потврдил на Трамп дека Украинците се подготвени да ја започнат, изјави Тејлор.
По разговорот Сонленд бил прашан за тоа какво е мислењето на претседателот за Украина на што одговорил дека „Трамп на прво место е заинтересиран за истрага на Бајден за која притискал Џулијани“.
Руди Џулијани е личниот адвокат на Трамп и е во центарот на обвинувањата на демократите дека под негови укази престедателот одредено време водел паралелна надворешна политика кон Украина, заобиколувајќи ги воспоставените дипломатски канали. Сонленд е сопственик на хотели кој донирал милион долари во кампањата на Трамп.
Разговорот се случил ден после телефонскиот дијалог помеѓу Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски, што поттикна истрага за импичмент, и укажува дека Трамп бил најмногу заинтересиран за истрага околу украинските бизниси на Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател Џо Бајден.
По крајот на шест и полчасовните први распити претседавачот на Комисијата за разузнавање Адам Шиф, изјави дека исказите на Тејлор и Кент укажуваат дека тимот на Трамп дејствувал со цел условување воена помош за Украина во висина од речиси 400 милиони долари за Киев да отври истрага за Бајден.
-Ова не служи на нашите национални интереси и ги погазува, истакна Шиф. Додаде и дека станува збор за Украина, земја која се наоѓа „во состојба на војна на браникот на рускиот експанзионизам“.
-Дали треба да прифатиме ситуација кога претседателот условува воена помош, официјални средби или други форми на официјални односи за лична или политичка цел. Може ли да прифатиме факт за тоа кој било иден претседател на САД да може да предложи странска држава да се вмеша во нашите работи. Ние одлучуваме по прашање за тоа дали актуелниот претседател на САД треба да биде повикан на одговорност, но нема да предвидувам за нашето решение, изјави Шиф.
Јавните распити продолжуваат в петок со сведочењето на дипломатот Мари Јовановиќ, поранешна амбасадорка на САД во Украина, а следната недела искази ќе даваат уште деветмина други сведоци.
Comments are closed for this post.