Поплавите во североисточна Австралија ги претворија улиците во реки, а илјадници Австралијанци се принудени да ги напуштат своите домови. Властите предупредуваат дека поројните дождови ќе продолжат и во наредните денови.

Илјадници жители на градот Таунсвил во североисточен Квисленд се без струја, а доколку продолжат дождовите 20.000 куќи се во опасност да бидат поплавени. За помош на населението е вклучена армијата, чии претставници ги обезбедуваат бреговите со вреќи со песок. Премиерот на Квисленд ги предупреди граѓаните да бидат исклучително внимателни.

Врнежите се вообичаени за овој дел од годината, особено за овој дел од континентот. Но, годинава врнежите се далеку над нормалата. Синоптичарите очекуваат дождовите да продолжат и во наредните 72 часа.