Албански криминални банди се активни во провинцијата Лимбург во Холандија, во трговија со забранети растенија, објави холандскиот јавен сервис НОС. Во сторијата на НОС се наведува дека „од општини до банки, од доставувачи на струја до нотари:изгледа никој не забележувал што се случува пред нивни очи. Со години случајот стоеше во излог пред полицијата“.
Оваа сторија е објавена токму во период кога претставници на власта од Албанија беа во посета на Холандија да лобираат таа земја да не ги враќа визите за Албанците, а главниот мотив за таквата мерка се токму дејанијата на албанските мафијашки банди во Холандија.
Клучниот стожер на бизнисите на бандите е компанија во Гелен. Полицијата смета дека компанијата во име на албанските криминални групи ја плаќа станарината и сметките за струја во десетици куќи кои имаат плантажи со коноп. На тој начин Албанците останувале надвор од рамката на сликата.
Директорите на таа компанија, двајца Мароканци и една Мароканка, вчера биле уапсени, а вкупно во полициската мрежа се фатени 16 лица.
Првите сигнали на радарот полицијата ги фаќа во 2016 година кога врши рација на една плантажа за одгледување коноп во Хеерлен. Тогаш е откриено дека киријата за куќата ја плаќа компанијата од Гелен, а потоа се открива дека истата компанија плаќа рента и за други куќи.
Но, ќе требаат уште две години, до 2018, кога случајот почнува целосно да се истражува.
„Покрај другите причини, проблемот со пренатрупаноста со случаи и други истраги, немаше натамошни истраги во овој период“, изјави лидерот на тимот, кој од безбедносни причини се претставил само како Ралф.
Како што се одвивала истрагата под кодното име „Басалт“, така се открива дека фирмата во Гелен плаќа станарини и струја и вода пет години за речиси 90 куќи. Полицијата веќе открила плантажи на коноп во 36 од 87 куќи, а се истражуваат уште 20 имоти. Вчера биле откриени уште 15 плантажи на коноп.
Полицијата се шокирала кога открила дека сите куќи се закупени од Албанци. Пoзнато е дека албанските гангови go контролираат нелегалниот пазар на кокакин во Амстердам и во Ротердам, а сега се открива дека југот на земјата култивира коноп и повторно во тој нелегален бизнис се инволвирани Албанци.
Полицијата открива дека кога ќе се случило апсење на некој Албанец, конкретно 20, тие веднаш биле заменувани со други Албанци.
Албанците кога ги закупувале куќите главно користеле фалсификувани документи, најчесто фалс пасоши од Грција или од Италија. Така тие биле надвор од радарот, а исто така дополнителен проблем во нивното фаќање е што локалните власти немаат експерти за откривање фалсификувани пасоши. Општинските власти во Лимбург имаат само еден експерт обучен да открива фалсификувани пасоши. Овие дупки ги имаат и во Агенцијата за имиграција и натурализација каде имаат индикации дека Албанци со лажни пасоши во Холандија си ги донеле своите семејства. Потоа, децата повторно со лажни адреси ги запишувале на училиште, ги плаќаат придонесите и никој не ги задева.
Полицаецот Ралф открива и други малверзации – Албанци купуваат имоти, откриени се 44 куќи кои се купени со пари од криминалната трговија, користејќи притоа лажни идентитети, како на пример „сопственик на грчки ресторани“.
Ралф смета дека тоа што го откриле е само врв на сантата мраз.
Comments are closed for this post.