Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на денешното одбележување на тригодишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација рече дека неговата Влада не успеала да се соочи успешно со сите предизвици од спогодбата поради потешкотиите на кои наидува при комуникацијата со шефицата на дипломатијата на Европската унија, Федерика Могерини, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на конференцијата организирана од Институтот ЕПИК изјави дека Могерини нанела штети на дијалогот меѓу Приштина и Белград и предизвикала „политички трауми” кај косовската страна.
„Не успеавме да ги постигнеме сите цели од Договорот за стабилизација и асоцијација, бидејќи имаме потешкотии со комесарката Федерика Могерини. Јас внимавав да не кажам кои се потешкотиите, но тие ни доаѓаат од Могерини, која ни предизвика политички трауми со отворањето на темата за територијата на Косово“, изјави Харадинај.
Коментарот на косовскиот премиер уследи по пораката на шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова, која на истата конференција рече дека Харадинај би требало да ја преиспита одлуката за такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Апостолова изјави дека таксата е во спротивност со Договорот за стабилизација и асоцијација и побара од Харадинај „да ја согледа пошироката слика” на состојбата, за да овозможи побрзо финализирање на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
„Ние ја разбираме таксата од 100 отсто, меѓутоа време е да се види што е позначајно за Косово. Го повикуваме премиерот да ја преиспита уште еднаш одлуката, да ја согледа пошироката слика и да имаме побрза финализација на дијалогот“, рече Апостолова.
Comments are closed for this post.