Германија нема да може да ги укине сите мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот на почетокот на февруари, најави министерот за здравство Јенс Спан, нагласувајќи ја потребата од дополнително намалување на контактите за да се заштити земјата од новиот вид на коронавирусот.

Едно е сигурно сега, на 1 февруари нема да биде можно да се ублажат сите ограничувања што се во сила, изјави Спан за германското радио „Дојчландфунк“ денес, додавајќи дека ќе бидат потребни уште два или три месеци за да се видат ефектите од кампањата за вакцинација која се спроведува, пренесува Ројтерс.

Германскиот таблоид Билд вчера објави дека канцеларката Ангела Меркел, на состанокот со замениците на нејзината партија, објавила дека сегашниот „локдаун“  може да трае до почетокот на април.

Германскиот кабинет треба да се состане подоцна денес за да одобри построги контроли врз оние што влегуваат во земјата, откако минатата недела беше засилена националната блокада и беше продолжена до крајот на јануари.

Новите правила ќе бараат луѓе кои доаѓаат од земји со голем број случаи или каде циркулира новиот позаразен вид на коронавирусот, за да направат тест за ковид 19.

Институтот за инфективни болести Роберт Кох (РКИ) денес објави дека беа регистрирани 19.600 нови инфекции, а бројот на смртни случаи се зголеми за 1.060 и сега изнесува 42.637, се вели во соопштението на институтот.