Европратениците денес објавија дека потврдите за Ковид-19, чија цел е да го олеснат патувањето низ Европската Унија, треба да бидат доволни за да се обезбеди слободно движење на луѓето во текот на претстојното лето.

Европратениците го објавија својот став во врска со предлогот на Европската комисија, наведувајќи дека владите на ЕУ не треба да воведуваат карантини, тестови или мерки за самоизолација на лица кои имаат сертификат.

Европската комисија, извршното тело на Унијата, минатиот месец предложи да се издадат сертификати на граѓани на ЕУ кои можат да докажат дека биле вакцинирани, на оние кај кои имале негативен тест за вирусот или имаат доказ дека го прележале вирусот.

Кога станува збор за вакцините вклучени во програмата, пратениците се согласија со предлогот на Европската комисија сите вакцини одобрени од Европската агенција за лекови да бидат автоматски признати. Тие исто така им понудија на земјите од ЕУ можност да вклучат други вакцини одобрени од Светската здравствена организација за итна употреба.

Европската комисија има за цел да поттикне патувања меѓу земјите членки за време на пандемија. Сепак, бидејќи контролата на границата е одговорност на земјите членки, секоја од 27-те земји членки на ЕУ ќе има право да постави дополнителни услови за да дозволи влез на нивната територија.

„Која е целта да се има заеднички европски план ако тогаш земјите членки можат да ја игнорираат потврдата и да воведат дополнителни ограничувања. Граѓаните ги сакаат своите права, ја сакаат својата слобода, сакаат да патуваат“, рече Софи Инт Велд за време на дебатата.

По вчерашното гласање, чии резултати беа објавени денес, преговорите меѓу Европскиот парламент и Европскиот совет може да започнат, со цел одобрување на договорот во јуни пред летната сезона.

Во својата резолуција, европратениците додадоа дека земјите членки треба да обезбедат универзално, достапно, навремено и бесплатно тестирање со цел да се избегне дискриминација на оние кои сè уште не биле вакцинирани и кои ќе можат да патуваат доколку покажат негативен ПЦР-тест.

Според предвидувањата на Европската комисија, околу 70 проценти од возрасната популација на ЕУ ќе биде вакцинирана до крајот на летото.

Во март, Европската комисија предложи да се укинат сертификатите кога Светската здравствена организација ќе прогласи крај на пандемијата.

Европратениците изјавија дека сертификатите треба да важат најмногу 12 месеци и не треба да служат како патна исправа, ниту треба да станат услов за остварување на правото на слободно движење.