Фондацијата Отворено општество (ФОО) на Џорџ Сорос објави дека ги затвора своите канцеларии во Турција по „бесмислените тврдења“ во турските медиуми по што станало невозможно да се продолжи работата на Фондацијата во таа земја. Од Фондацијата соопштуваат дека тие работеле на проекти како што се подобрување на образованието, промоцијата на женските права и охрабрување на демократските реформи.

Но, покрај медиумските написи, неодамна министерот за внатрешни работи на Турција ги обновил обвинувањата дека постојат врски на Соросовата фондација со антивладините протести во истанбулскиот парк Гези во 2013 година.

На почетокот на месецов, Хакан Алтинај, директор на ФОО-Турција, и висок соработник на Брукингс институтот, беше еден од 13-те приведени за наводна поддршка на борецот за човекови права Осман Кавала, кој е во затвор од октомври 2017 година со обвинение дека ги раководел протестите во Гези, како и дека имал врски со организаторите на неуспешниот воен удар.

Во еден говор минатата недела, претседателот на Турција Реџеп Ердоган ги поврза апсењата заради врски со Сорос.

„Човекот (Кавала) кој ги финансираше терористите за време на инцидентите во Гези е веќе зад решетки. А, кој стои зад него? Славниот унгарски Евреин Сорос. Тој е човекот кој ангажира луѓе да делат нации и да им дава засолниште. Тој има толку многу пари, а ги троши на ваков начин“, рече Ердоган.

Според напис на весникот „Сабах“, ФОО му правела трансфери на Кавала од 2011-2017 година со намера да се шират протестите во Гези. Фондацијата, пак, соопшти дека секоја година ги информира турските власти за грантовите, а властите истите ги потпишувале.