Терористичката група Ал Шабаб, блиска до ИСИС, соопшти дека егзекутирала тројца Американци, еден Британец и еден Сомалиец, коишто ги обвинува за шпиони.

Веста за егзекуциите, милитантите од Сомалија ја соопштија преку нивната радио станица „Андалус“, појаснувајќи дека погубувањата биле јавно изведени на плоштад во градот Џиб, во централниот дел од Сомалија. Жртвите биле врзани за диреци по што биле убиени од стрелачки вод.

Како што изјави Абу Абдала, гувернерот на Ал Шабаб за сомалискиот регион Џуба, петтемина убиени пред судот признале дека имале задача да шпионираат. Британецот работел за британската служба МИ6, Американците помагале во наведувањето на дронови со кои американските сили извршувале воздушни напади во Сомалија, додека петтиот егзекутиран работел за сомалиската влада.

Ал Шабаб е група што се обидува да ја сруши слабата сомалиска влада, којашто е поддржана од ОН, и да воспостави режим што ќе наметне шеријатско право. Нејзиното влијание во регионот значително ослабе откако мировниците на Африканската Унија ја истиснаа од главниот град, но во последно време сомалиската влада и американската војска ги засилија акциите против групата.

И во такви услови, милитантите продолжуваат да изведуваат смртоносни напади во разни делови од земјата, особено во главниот град, Могадишу, каде што при експлозија на камион-бомба во октомври 2017 година загинаа 512 луѓе.