На Истокот од Демократската Република Конго се случува вистинска здравствена катастрофа. Како што соопштија од министерството за здравство на оваа африканска држава, триесетина деца починале од ебола поради лошите санитарни услови на клиниките што ги водат народни лекари или врачеви.
Најдрастична е ситуацијата во градот Бени, каде што има преку 120 потврдени случаи на ебола, од кои барем една четвртина се помлади од десет години. Само во последните два дена од ебола починале шест луѓе, додека тој број од почетокот на епидемијата достигнува 170.
Како што соопшти портпаролката на министерството за здравство, Џесика Илинга, причината за ширењето на епидемијата меѓу најмладата популација е поради тоа што врачевите ги лечат децата заболени од маларија на исто место со тие заболени од ебола, притоа употребувајќи ги истите инструменти за лечење на сите пациенти.
Бројот на нови заболени нагло почна да се зголемува во изминатите неколку недели, а само во текот на минатиот ден биле пријавени девет нови случаи на ебола, седум во Бени, а два во градот Бутемно. Тие девет случаи се најмногу во еден ден од прогласувањето епидемија на први август.
Comments are closed for this post.