ЦИА објави документи во кои открива информации за обука на гулаби кои биле праќани во шпионски мисии. Птиците биле тренирани да фотографираат  локации за време на Студената војна, пишува Би-би-си.

И порано се знаеше дека тајната американска агенција ЦИА работи со гулаби, но сега таа тоа и го потврдува. Гулаб на кој е поставена камера е изложен во Музејот на ЦИА во Вирџинија, седиштето на Агенцијата, па може убаво да се види за што станува збор.

Во 60-тите години на минатито век ЦИА верувала дека животни можат да преземат одредени задачи кои што биле многу потешки за луѓе. Гулабите се покажале како многу добри и прикладни за шпионски мисии, а една од причините за тоа е што гулабите и на стотици километри оддалеченост успевале да се вратат назад. Операцијата со гулаби од 70. години била наречена Такана. На гулабите им се ставала алка од 5 грама на која е прицврстена камера од 35 грама. Еден гулаб со целата опрема чинел тогашни 2.000 долари.

Камерата во себе имала филм со кој можеле да се снимат 140 фотографии, а експертите велат дека снимките биле изненадувачки добри со извонредна острина, па дури и со подобар квалитет од денешните сателитски снимки.

Во документите на ЦИА се наведува дека гулаби биле тренирани за шпионска мисија во Ленинград за да го снимаат бродоградилиштето. И тука приказната одеднаш е прекината, па не се знае дали мисијата била воопшто изведена, дали била успешна, или, пак, некој руска мачка ги изела гулабите.