Чешкиот бизнисмен и сопственик на инвестицискиот фонд ППФ, Петр Келнер, загина во хеликоптерска несреќа во планините во Алјаска, потврдија од ППФ за Радио Слободна Европа.

Како што се наведува во писмената изјава, инцидентот во кој на 27 март загинале 5 лица е под истрага.

„Ги молиме медиумите да ја почитуваат приватноста на семејството Келнер во ова тешко време“, се наведува во изјавата на ППФ.

Во неа се вели дека Келнер имал 56 години и оти тој бил познат по работната етика и креативноста, а дека неговиот приватен живот му припаѓал на семејството. Погребот ќе биде одржан само со членовите на потесното семејство, се додава во изјавата.

ППФ групата на Келнер во октомври 2020 година го презеде мнозинскиот удел во компанијата Central European Media Enterprises (ЦМЕ). Во нејзина сопственост се чешката приватна телевизија со национална фреквенција ТВ Нова и уште над 30 ТВ станици во Бугарија, Чешка, Романија, Словачка и во Словенија.