Европската комисија предложи буџет за Европската унија за 2020 година во износ од 168,3 милијарди евра.

Како приоритетни области за финансирање во следната година се издвоени – конкурентна економија, млади, јакнење на безбедноста и солидарноста и борба против климатските промени.

Нацрт ЕУ буџетот за 2020 година е последен предлог за буџет на комисијата на Јункер.

Во ЕК наведуваат дека дури 21 отсто од предложениот буџет е наменет за решавање на прашањата за климатските промени.

Повеќе од 83 милијарди евра би требало да зајакнат економски раст во ЕУ и да бидат поддршка за младите во 2020 година. Предвидено е финансирање на Фронтекс, Европскиот цивилен механизам за одбрана, јакнење на Шенген, како и помош за народот на Сирија.

Предлог буџетот за 2020 година е седми и последен во рамки на долгорочниот 2014-2020 ЕУ буџетски план.

Следниот ќе се однесува за периодот 2021-2027 и претставен е од страна на ЕК во 2018 година.