УНИЦЕФ објави тревога заради епидемијата од морбили во светот и посочи дека во десет држави, меѓу кои Бразил, Украина и Франција, се регистрирани речиси три четвртини од зголемениот број заболени во 2018 година, пренесува Франс прес.
Вкупно 98 држави дале информации за зголемен број заболени од морбили во текот на 2018 година во однос на претходната 2017, што е чекор назад во однос на досега постигнатото во борбата со оваа потенцијално смртоносна болест, што може да се спречи, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.
Според податоците на Светската здравствена организација, во 2018 година има зголемување за 50% на регистрираните новозаболени во споредба со претходната година, а бројот на смртни случаи изнесува 136.000.
Новата „експлозија“ на болеста, која е позаразна од грипот или туберкулозата, во некои држави се должи на тврдењата дека вакцината против морбили се поврзува со аутизмот.
Според Светската здравствена организација, „колебливоста спрема вакцината“ е една од десете најголеми закани за човечкото здравје во светот, забележува Франс прес.
Comments are closed for this post.