Британскиот преговарач за Брегзит, Дејвид Фрост, е во посета на Брисел каде што ќе се сретне со тимот задолжен за преговорите, но нема официјална потврда кога ќе има средба на повисоко ниво меѓу двете страни. Сепак, оваа посета покажува дека контактите продолжуваат со цел изнаоѓање излез од ќорсокакот во кој се наоѓаат преговорите за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ.

Претходно, британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека доколку ЕУ одбие повторно да ги отвори преговорите за договорот за повлекување на Велика Британија, Лондон ќе истапи од ЕУ без претходен договор и се закани дека нема да го отплати долгот кон Унијата. Таквата изјава предизвика бурни реакции во ЕУ.

Главен „камен на сопнување“ за британската страна во договорот за Брегзит е механизмот на заштита на ирската граница, причина поради која претходната влада на Тереза Меј не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот за да го изгласа компромисот постигнат со ЕУ.

Портпаролката на Европската Комисија, Мина Андреева, вчера порача дека ЕК е подготвена да разговара на конструктивен начин за секаков конкретен предлог компатибилен со договорот за повлекување.

За ЕУ е од најголема важност истапувањето на Британците да нема штетно влијание врз внатрешниот пазар, што може да се случи доколку не се понудат конкретни решенија за ирската граница.

Со оглед на тоа дека, по Брегзит, ирскиот остров ќе биде поделен меѓу Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, дел од Обединетото Кралство, мора да постојат гаранции дека европскиот внатрешен пазар нема да биде ставен во опасност од производи, луѓе или услуги кои не се компатибилни со стандардите на ЕУ. Истовремено, двете страни по секоја цена сакаат да избегнат враќање на тврда граница меѓу двата дела, поради децениите граѓански конфликти и војни на ирскиот остров.

Брисел и Лондон лани се договорија да воведат таканаречен „бекстоп“, заштитен механизам кој може да се активира во случај на опасност, но Џонсон категорично ја отфрла таа можност.

Една од алтернативите на „бекстопот“ за која би можело да се разговара е можноста да се воведат санкции во случај Обединетото Кралство да не ги почитува регулациите и стандардите на ЕУ за производите кои транзитираат кон Република Ирска преку Северна Ирска.