Британија е веќе во хаос, а е уште далеку и од мек и од тврд Брегзит. Синоќа во британскиот Парламент беше видена голема битка, од која како поразен излезе премиерот Борис Џонсон. Но, тој, сепак, уште не ја изгубил војната.
На парламентарното гласање да се спречи излез од ЕУ без договор тој предлог го поддржаа 328 пратеници, а против беа 301. Џонсон, значи изгуби за 27 пратеници, од кои дури 21 се од неговата конзервативна партија – Ториевци. Премиерот не чекаше многу – после ова од партијата тие 21 добија шут карта, а меѓу нив и Никлас Соамс, внук на Винстон Черчил и поранешните министри Филип Хамонд и Кенет Кларк. А, сега Џонсон јамката му ја става и на спикерот Џон Беркоу (популарниот Order, Order!).
Сега премиерот Џонсон, по добиените рани во Парламентот, вади два адути – првиот е закана со распишување предвремени избори, на што негативно реагираше лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин. Вториот адут го доби претпладнево од еден шкотски судија кој донесе пресуда дека со тоа што Џонсон го испратил парламентот на дополнителен одмор не го прекршил законот.
Во атмосфера кога не се знаат следните чекори на британската политичка сцена, моменталната состојба е – тесно мнозинство го обвинува премиерот Борис Џонсон дека „со Брегзитот игра руски рулет“, а тој возврати дека Парламентот го поништил резултатот од референдумот и гласал против излегување од Унијата.
Можно е овој британски Гордиев јазол да се разреши на 14 октомври на предвремени парламентарни избори, значи на само две недели пред датумот кога Британците трба да излезат од ЕУ.
Comments are closed for this post.