Бројот на смртни случаи од последиците од коронавирусот во Велика Британија надмина 50.000, бидејќи се регистрирани 595 нови смртни случаи, покажуваат владините податоци.

Тоа е најголем пораст на дневна основа на бројот на смртни случаи од 12 мај, кога се регистрирани 614 смртни случаи, пренесува „Ројтерс“.

Така, вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 50.365.

Според последните податоци, регистрирани се 22.950 нови случаи на коронавирус, што е зголемување во споредба со вторникот, кога тој број беше 20.412.

Директорот на медицинската служба на Агенцијата за јавно здравје на Англија, Ивон Дојл, рече дека трендот на зголемување на бројот на починатии најверојатно ќе продолжи и посочи дека ќе поминат неколку недели пред да се видат последиците од сегашните мерки.

Велика Британија бележи најголем број смртни случаи од ефектите на коронавирусот во Европа, а премиерот Борис Џонсон нареди повторно затворање на национално ниво за еден месец поради загриженост дека вториот бран може да ги преоптовари здравствените услуги.