Белгиската национална одбрана ќе ги прегледа правилата за користење на смартфони на војниците за време на нивните операции поради опасноста од обиди за шпионажа, особено од страна на Русија, јавува Франс прес.
Инвестиравме во превентивни активности и со години наназад му посветуваме внимание на проблемот, но тоа, изгледа, веќе не е доволно. Знаеме дека Русија пројавува интерес кон таков вид мобилни податоци, изјави на фламанската телевизија ВРТ, полковникот Карл Илис, кој е одговорен за операциите во белгискиот генералштаб.
Моментно се анализираат сите воени операции на државата, појаснува белгиската агенција Белга.
Соодветно на балтичките држави, кои граничат со Русија, „во некои региони и при одредени околности и услови, белгиските војници веќе не можат да ги користат личните мобилни телефони, штом ќе ја напуштат базата“, додава агенцијата.
Во почетокот на јануари близу 250 белгиски војници треба да заминат на четири месеци во Естонија, каде ќе служат во баталјон на НАТО. Според полковникот Илис, кој како пример ги наведува Германија и Холандија, Белгија нема да биде единствената држава, што воведува построги правила во оваа област.
Во јули 2018 година, научници од Холандија предупредија дека апликацијата „Полар“ дава можности за собирање на чувствителни информации, што засегаат воени лица и разузнавачи од 69 држави. Тогаш апликацијата ги деактивира своите функции за геопозиционирање.
На почетокот на 2018 година, Пентагон ги провери своите правила за користење на друга апликација наменета за спортисти-„Страва“, зашто преку програмата можеше да биде следено движењето на војниците меѓу базите на САД во светот.
Comments are closed for this post.