Тиери Бауде во Холандија беше познат по граѓанското движење кое успеа да организира референдум за изјаснување во врска со договорот меѓу ЕУ и Украина. Иако референдумот беше успешен, односно се исполни потребниот цензус и на него избирачите се изјаснија против тој договор, сепак, централната власт на премиерот Марк Руте јасно кажа – референдумот бил само консултативен, но не и обврзувачки.
Денес Бауде не е активист кој по социјалните мрежи ги пропагира своите идеи, туку е лидер на партијата Форум за демократија, а самиот Бауде се профилира како политичар на крајната десница. На регионалните избори во Холандија тој освои три провинции и веќе се смета за нова ѕвезда на фрагментираното политичко холандско небо. Успеа да му одземе гласови и на еден краен десничар каков што е токму Герт Вилдерс.
И додека европските народни партии (ЕПП), што ќе рече од центарот, имаат проблеми со своето членство, кои потврдуваат дека станува збор за идентитетски проблеми и прашањата – кои се денес демохрстијанските вредности, популистите во Европа пред мајските избори за Европскиот парламент испраќаат силен сигнал дека се подготвени да изведат успешна жетва на собирање гласови. А, тука е секако и еден Стив Бенон, од американската популистичка ергела, кој на големо работи како европската цврста десница да освои што подобри резултати. Но, и да го предизвика милијардерот Џорџ Сорос, кој, пак, настапува со свои нескриени амбиции за тоа каква Европа тој си замислил. Два различни пола на интереси.
Првин, треба да се нотира изборната победа на Бауде, затоа што е тој млад политичар, а тоа значи дека популизмот ефатил корен и кај помладите. Потоа Франција. Таму според анкетите ситуацијата со недели е непроменета – ултрадесничарката Марин ле Пен и нејзиниот Национален фронт води мртва трка со владејачката партија (ЛРЕМ) на претседателот Емануел Макрон.
Еве уште едно голема европска држава – Италија, каде ситуацијата е сосема јасна – Италија е единствената европска земја каде популистите се на власт. Еве да кажеме и ова – Италија е првата земја од ЕУ која влезе во појасот на кинеските проекти. Дали е ова најава за „бунт на бродот Баунти“, односно против естаблишментот во Брисел? Па, веројатно и не само тоа, туку и порака дека на некои од членките им е доста од двојните стандарди.
Во Шпанија се роди нова крајно деснчарска партија – Вокс и гласот е во подем. Тие на последните избори освои 32 седишпта во парламентот, а господин Бауде дојде од Холандија за лично на митинзите да им даде подршка на Вокс.И бил воодушен од тоа што таму го видел.
Мрежата се плете – во Германија сестринска партија на холандската ФД е Алтернатива за Германија (АФД), која во последните месеци заблежува опаѓање на популарноста, но се држи на стабилни 9 проценти. Со таква поддршка сигурно влегуваат во Бундестагот. Во Австрија ФПО е на второ место со поддршка од 23,8 проценти и се веднаш зад партијата на канцеларот Себастијан Курц.
Во Полска популистите се претставени во владата преку партијата за Право и правда (ПиС) и во сите истражувања е на прво место.
Првите комшии на Холанѓаните, Белгијанците си имаат свој Бауде – лидерот на Н-ВА, Барт де Вивер кој ги има истите идеи за миграцијата, културата и националните држави како и Бауде. Меѓутоа Де Вивер некои од своите принципи ги ставил во фрижидер, што е причина за пад на популарноста, но се очекува повторно да ја освежи партијата на европските избори, но и на национланите кои ќе се одржат во ист ден – на 26 мај.
По на север, во Скандинавија популистите ја губат почвата во Данска и во Финска, а во Шведска тие се во подем.
Орбан ја тестира Европа
И секако не треба да се заборави унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата Фидес кои на извесен начин станаа лакмусовата хартија за европските процеси, или на пост-Брегзит Европа, односно на франко-германската оска и нејзините визии за иднината на ЕУ.
Но, ова е само мал пресек на она што се нарекува крајна десница, а кога кон ова ќе се додата крајните левичари, како на пример движењето на „Жолтите елеци“ за кое не се знае како ќе се развива во иднина, сликата на расцепканото европско политичко тело станува уште подраматична и помизерна.
Comments are closed for this post.