Изутринава џамбо џетот на компанијата Томас Кук слета во Велика Британија, но тоа официјално беше и последниот лет на таа втора по големина туристичка агенција. Преговорите кои траеја до рано изутринава за спас на Томас Кум пропаднаа, па така компанијата оди во стечај.

Околу 200.000 британски туристи плус уште околу 400.000 од други земји кои букирале преку Томас Кук се заглавени насекаде низ светот чекајќи да се најде решение за нивно враќање.

Британските медиуми објавија дека владата не сакала да ги откупи долговите на компанијата, која по 178 години постоење се гаси.

Германски Билд кратко објави – „ова е прв банкрот на Брегзитот“, откако пропаднале 11-часовните преговори.

Грчките медиуми објавуваат дека силни последователни удари ќе почувствува и грчката економија каде туризмот има голем удел. Медиумите објавуваат дека во моментов само на Крит има 20.000 туристи на Томас Кук, додека вкупно во Грција се 50.000. Инаку, на Крит дури 70 проценти од аранжманите биле преку таа банкротирана компанија.