Американскиот претседател Џо Бајден е во посета на Ирска, а за време на еден од неговите говори направил гаф кој повторно го врати во фокусот на јавноста и медиумите.

Имено, Бајден остварил средба со министерот за надворешни работи на Ирска, Мајкл Мартин, а по средбата следувала прес-конференција на која им се придружила и ирската рагби ѕвезда Роб Керни, далечен роднина на Бајден.

Во тој момент, Бајден се обидел да ги пофали успесите на Керни и неговите спортски достигнувања, а особено се осврнал на победата на ирскиот рагби тим над Нов Зеланд во 2016 година во Чикаго.

Коментирајќи го тој успех, Бајден го измешал прекарот на репрезентацијата на Нов Зеланд „All Blacks“ и британската воена единица „Black and Tans“ која се бореше против Ирската републиканска армија.

„Тој е пеколен рагбист. По ѓаволите, ги победи Black and Tans“, рекол Бајден и предизвикал смеа кај присутните.

Инаку, единицата „Black and Tans“ била единица во рамките на британските безбедносни сили кои се бореле против ИРА од 1919 до 1921 година. Конфликтите меѓу овие воени формации им послужија на Ирците да создадат бројни патриотски песни, од кои веројатно најмногу се издвојува онаа наречена „Com Out, Ye Black and Tans“.

По повод гафот на Бајден се огласи и Аманда Слот, функционер на Советот за национална безбедност на САД, која нагласи дека се знае што мислел Бајден.

„Мислам дека веројатно им е јасно на сите во Ирска, особено на љубителите на рагбито, дека претседателот зборуваше за All Blacks и нивниот пораз од Ирска во 2016 година“, рече Аманда Слот.