Чешкиот премиер Андреј Бабиш го отпушти својот епидемиолошки советник, поранешниот министер за здравство Роман Примула, бидејќи истиот ден кога предложил воведување на „локдаун” во траење од три-четири недели, заминал на фудбалски натпревар на клубот Славија од Прага.

– Примула е голем експерт за епидемии, но нема социјална интелигенција. Тоа е едноставно повторно лошо кон фудбалските навивачи кои не смеат на одат на стадион и кон луѓето од кои бараме да останат дома. Да не зборувам дека тоа навистина изгледа несериозно, изјави синоќа Бабиш.

Примула, кој во есенскиот бран на Ковид-19 поднесе оставка на функцијата министер за здравство откако беше фатен од фоторепортери како во време на полициски час седи во ресторан, кој требал да биде затворен, без маска на лице, сега тврди дека овојпат не прекршил никакви санитарни мерки.

– Да, бев со негативен тест направен два часа претходно и маска со зајакната заштита на лице на легален фудбалски натпревар со дозволена посета на публика. Оваа година немав никаков одмор. Веројатно мене ми е дозволено да бидам само дома, нагласи Примула.

Наместо него, за таквата несериозност кон граѓаните се извини шефот на фудбалскиот клуб Славија, Јарослав Тврдик, кој поканил околу 600 претставници на спонзорите и политичари на вчерашниот натпревар.