Над 8 милиони гласачи бираат 199 пратеници, од кои 106 се бираат во изборни единици низ државата, а 93 ќе бидат избрани на национални листи, по пропорционален Донтов модел. Граѓаните можат да гласаат на двете листи – за локален кандидат и за партиската листа.

Унгарската изборна комисија информира дека до 9 часот излезноста е блиску до 17 проценти, што е значително повеќе во споредба со претходните парламентарни избори.

Лидерите на двете најголеми партии, премиерот Виктор Орбан од Фидес и Петар Маѓар од опозициската Тиса, гласаа утринава во Будимпешта и ги повикаа граѓаните масовно да излезат.

Орбан, кој е кандидат на националната листа на Фидес, гласаше во 12-иот округ во Буда, каде го чекаа помала група демонстранти и голем број новинари.

– Тука сум за да победам, порача премиерот, по што оцени дека високата излезност од утрината е поволна за Фидес.

Орбан потсети дека кампањата поминала во знак на мешање на претставниците на ЕУ во унгарските внатрешни прашања. На прашањето дали ќе му честите на Маѓар доколку партијата Тиса победи, Орбан одговори дека секако ќе го стори тоа.

Маѓар, кој е локален кандидат во 12-иот округ, исто така гласаше уште рано утрината. На прашањето на новинарите дали веќе ги избрал членовите на идната Влада, Маѓар рече дека е подобро првин да се почека да бидат објавени резултатите од изборите. Маѓар, сепак, рече дека очекува Тиса да победи и дека за него главно прашање е дали ќе имаат и двотретинско мнозинство кое би им било потребно за да го сменат Уставот и поништат дел од реформите спроведени од Орбан.

Од другата страна на реката, во Пешта, гласањето се одвиваше мирно и без големи редици, со повремено поминување на комбиња кои ја пуштаат предизборната песна на партијата Фидес.

Гласачите во средното училиште „Верес Палне“ беа поделени во своите очекувања од изборите.
– Ме прашувате што се надевам или што очекувам? Бидејќи тоа може да биде различно. Јас сум конзервативен гласач. Гласам за Виктор Орбан. Имам 40 години, мало семејство, со сопругот сме лекари и мислам дека животот тука е добар. Ако работиш, го добиваш тоа што го очекуваш, ни рече Силвија, која гласаше заедно со синчето.

На прашањето дали стравува од инциденти по изборите, Силвија оцени дека се е можно да се случи кога ќе има поголем собир на граѓани, но дека верува во полицијата и дека таа ќе го зачува мирот.

Шпекулациите за можни инциденти по објавувањето на резултатите се шират веќе со денови и двете партии планираат собири во центарот на Будимпешта за вечерва.

– Очекувам победа на Тиса. Само да не бидат Орбан и Фидес, Маѓар е подобар од Орбан. Во минатото гласав за зелените, на последните избори за обединетата опозиција, а сега за Тиса, ни изјави Золтан, кој на гласањето дојде со неговата девојка и нивното пули куче.

Градот е преплавен со странски новинари, што сведочи за големиот интерес кој владее во Брисел, а од неодамна и во Вашингтон, за исходот на изборите.

На гласачкото место во училиштето „Јозеф Отвош“ дел од гласачите кои го поддржуваат Фидес изреагираа на присуството на украински новинар, кој прашуваше дали изборите може да донесат промена во унгарската политика кон војната.

Тензиите меѓу Унгарија и Украина ја одбележаа кампањата – Киев го запре снабдувањето со руска нафта на Унгарија, а Будимпешта го блокира одобрувањето на средства на ЕУ за Украина. „Доста веќе со Украина, изборите се за Унгарија, за нашите прашања, сакаме да гласаме за нашето здравство, школство, не за Украина“, рече еден од гласачите. цч/паг/

Фото: МИА