Македонската ракометна репрезентација за пласман на Светското првенство 2027 во Германија во баражот од третата фаза ќе игра со победникот од двомечот меѓу Украина и Словачка што се игра во март годинава.

Селекторот Кирил Лазаров повика на внимателност и сериозен пристап, без разлика кој ќе биде противник.

–  Треба да бидеме задоволни од извлекувањето. Напорно работевме за да дојдеме до моментот да бидеме во групата на носители и сега сме на добар пат да обезбедиме ново учество на голем настан и да ја продолжиме традицијата на успеси. Мораме да бидеме сериозни и професионално да се однесуваме. Имаме максимална почит кон националните тимови на Украина и на Словачка. Наскоро ќе дознаеме и точно против која репрезентацијата ќе играме, но ние мора уште од сега треба да направиме добар план и подготвени да ги дочекаме тие два натпревари во мај, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија.

Првиот натпревар македонските ракометари ќе го играат на гости 13-14.мај, а реваншот на домашен терен 16-17.мај.