Младата гимнастичарка Елвира Јангеловска од Македонска Каменица со златен медал се враќа од одржаниот гимнастичарски турнир во Благоевград, Бугарија. Нејзиниот тренер Мирјана Гошевска, изрази задоволство од постигнатиот резултат, со оглед на фактот што конкуренцијата била доста силна.

“Во Благоевград учествувавме на Вториот Меѓународен турнир во ритмичка гимнастика Пирин Голден Куп 2019. Конкуренцијата беше доста јака, но Јангеловска успеа добро да се претстави и со златен медал да се врати дома“, рече Гошевска.

Во Македонска Каменица Елвира дошла од Русија, каде живеела со своето семејство. Нејзината витрина ја красат триесетина медали од натпревари главно во Русија, но во последната година и од балканските и неколку европски натпревари.