Фудбалерите на Работнички ја остварија првата победа во новата сезона од Првата лига, совладувајќи го Шкупи со 2:0 во второто коло. На домашен терен, тимот преводен од тренерот Александар Влахо одигра квалитетен натпревар, го подобри нивото на реализација на шансите и стигна до заслужен триумф.

„Задоволен сум и од играта и од резултатот. Честитки за фудбалерите, ги исполнија во целост тактичките задачи кои ги договоривме пред дуелот со Шкупи. Победивме квалитетен тим, а значително на овој меч ја подобривме реализацијата, она што ни недостигаше на премиерата против Струга Трим Лум. Сега не очекува нова обврска, куп – натпревар против Велазерими в среда и веднаш се фокусираме на следниот предизвик. Верувам дека на следните натпревари ќе бидеме уште подобри“, вели Влахо во изјава за клупската веб-страница.

Следен предизвик за „романтичарите“ е дуелот со Велазерими на гости в среда во Купот на Македонија, а потоа доаѓа градското дерби против Вардар во третото коло од шампионатот.