Тренерот на „Динамо Загреб“, Анте Чачиќ истакна дека неговиот тим со оптимизам утре патува за Скопје на реванш натпреварот против Шкупи во рамки на 2. квалификациско коло во Лигата на шампиони.

„Динамо“ минатата недела во Загреб не ја оправда фаворитската улога и со резултат од 2-2 доаѓа на реваншот против македонскиот првак во вторник на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

– Немам никакви дилеми во врска со „Шкупи“. Знаеме каде грешевме и каде мораме да бидеме подобри, и на тоа ќе работиме овие денови. Свесни сме дека сме поквалитетни и верувам дека ќе минеме понатаму, изјави Чачиќ.

Победникот од пресметката меѓу „Шкупи“ и „Динамо“ во 3. квалификациско коло во Лигата на шампиони ќе игра против поуспешниот од дуелот меѓу бугарски „Лудогорец“ и „Шамрок“ од Република Ирска.