Десеткуваната македонска репрезентација предводена од Кирил Лазаров остана без шанси за пласман во следната фаза на Европското првенство (ЕП) откако загуби од Црна Гора (24-28) во рамки на второто коло на шампионатот на стариот континент.  Црна Гора ја забележа првата победа во меѓусебните пресметки на европските првенства, или првата на последните девет меѓусебни натпревари. Исто така ова е втора победа за Црна Гора во историјата на европските првенства.

Лошиот старт, играта „падни-стани“ и многуте грешки се покажаа кобни за македонскиот состав.

Дуелот во „Феникс Арена“, каде македонските навивачи беа побројни на трибините и приредија одлична атмосфера, започна со серија грешки на нашите ракометари во фазата на напад и пет гола на Црногорците за само пет минути (1-5).

Ѓоргиев, како и на натпреварот против Словенија, беше во стартниот состав на Лазаров, но повторно не се снајде најдобро, а на десната бековска позиција предност доби Серафимов место Велковски и одигра одлично во воведниот дел и ги постигна првите два гола за нашата селекција.

Поради честите технички грешки во нападот, на местото на Ѓоргиев Лазаров го внесе Филип Кузмановски, но ниту тоа не донесе резултат. Добрата игра на Црногорците и голот на Анѓелиќ во 15. минута ги одлепи со пет гола разлика.

Лазаров го искористи своето право на прв тајм-аут и направи нови промени во составот, па искусниот Миркуловски и Кузмановски со четири гола за само неколку минути ја вратија неизвесноста на натпреварот (7-10).

Во последните десет минути од полувремето се влезе со позитива на Црногорците од три гола (9-12), но Мартин Велковски и Цветан Кузманоски со своите први погодоци намалија на само еден негатива. До крајот на полувремето Црна Гора ја задржа контролата на паркетот и на одмор замина со еден гол позитива. На стартот на вториот дел Македонија преку Цветан Кузманоски изедначи за првпат (17-17). Во следниот период мечот беше игра на нерви. Во неколку наврати Македонија можеше и да го преземе водството, но следеа многу грешки. Грешеа и Црногорците, затоа паднаа мал број на голови.

Во 40. минута од мечот Црна Гора преку разиграните Вујовиќ влезе во серија од три гола и се врати на „плус три“ (18-21). Црната низа на нашиот национален тим ја прекина одличниот Мартин Велковски со шестиот гол на мечот од шестиот обид (19-21), па следеше добра одбрана, но Кузманоски не погоди за ново враќање во мечот. Тоа го казни Шеваљевиќ (19-22), додека потоа Македонија имаше одлична можност повторно да се доближи до противникот откако Црногорците добија две исклучувања, арно ама не се успеа во тоа благодарение на расположениот голман Небојша Симиќ кој царуваше меѓу стативите. Мора да се напомене и добриот учинок на Никола Митревски, но грешките во нападот го направија своето.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Мартин Велковски со шест гола од седум обида, пред Цветан Кузманоски со пет гола, додека Филип Кузмановски и Мартин Серафимов стрелаа по три пати. Кај Црногорците, Милош Вујовиќ и Божо Анѓелиќ имаа по шест реализации.

Последниот натпревар на ЕП 2022, Македонија го игра на 17 јануари. Противник ќе биде селекцијата на Данска, која важи за главен фаворит за златото и воедно беше ривал на нашиот национален тим во квалификациите за овој голем ракометен настан.