Стадионот на Црвена звезда, „Рајко Митиќ“, попознат по називот „Маракана“ во скоро време ќе треба да биде урнат, најави генералниот директор на клубот, Звездан Терзиќ.

Причина за таквите планови на управата на клубот е да се постигнат услови стадионот да ги исполнува највисоките стандарди на УЕФА и на ФИФА.

Во гостување на телевизијата Коперникус, Терзиќ појасни дека веќе се работи на реконструкција на стадионот, но дека неизбежно конечно решение е негово рушење и повторна изградба.

Многу е поскапо да се реконструира стадионот. Сега имаме лиценца од УЕФА, но долгорочно, во период од 5-10 години, „Маракана“ ќе мора да се руши и да се гради нов стадион.  Не е возможна реконструкција што што ќе го подигне конфорот на повисоко ниво, а со време УЕФА ќе бара се повеќе. Единствено решение е да се сруши стариот и да се изгради нов модерен стадион со комерцијални содржини, каде што целиот објект би живеел 365 денови во годината – смета Терзиќ.

Директорот на Звезда, најави дека за претстојната сезона во која „црвено-белите“ ќе играат во Лигата на шампионите ќе бидат вградени автоматски влезови што ќе оневозможат на трибините да се најдат навивачи без купена влезница, што ќе го чини клубот околу 600 илјади евра.