По блескавиот настап на реваншот против унгарскиот шампион ПИК Сегед и пласманот на третиот по ред Фајнл фор турнир, ракометарите на Вардар добија признание од Европската ракометна федерација (ЕХФ), која го прогласи голот на Тимур Дибиров за најубав погодок во реванш натпреварите од четврт-финалето.

Дибиров го заслужи тоа признание со голот постигнат од целосно „мртов“ агол, односно речиси од зад голот на ПИК Сегед, од каде Дибиров со „сув лист“ успеа да ја испрати топката во мрежата на Унгарците. Тој погодок има и дополнително значење поради тоа што беше постигнат во моментите кога се чинеше дека на вардарци им се лизга од рацете пласманот меѓу четирите најдобри тимови во Европа. Во осмата минута под второто полувреме, Унгарците имаа девет голови предност, со што и резултат што ќе ги водеше на Фајнл фор. Сепак, Дибиров го постигна неверојатниот погодок и во многу придонесе да се сврте течението на натпреварот во полза на „црвено-црните“.

Во рангирањето на петте најдобри голови за оваа рунда натпревари, ЕХФ, додели признание и за Дејан Манасков. Репрезентативното крило постигна само еден гол во победата на Веспрем против Флензбург, но и тоа беше доволно за Манасков да се најде на второто место на најубавуте голови во последната рунда пред завршниот турнир.