Во насока на унапредување на фудбалската инфраструктура на стадионите во државата и веќе најавените проекти за изградба на трибини на стадионите во Чаир и „Билјанини Извори” во Охрид, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски како домаќини на високиот претставник од УЕФА, Тјери Фавре, раководител за „Хет трик” програмата на УЕФА имаа работна средба со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и претставници на општината.
Фавре на работниот состанок во општина Чаир преку видео презентација детално беше запознаен со планот на активности и целокупниот проект за изградба на новата трибина на стадионот во општина Чаир која ќе се гради како дел од новиот проект на УЕФА, а поддржан од Фудбалската федерација на Македонија и локалната самоуправа.
Пред сѐ сакам да му честитам на Муамед Сејдини за изборот за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, сигурен сум дека со него на чело, ФФМ ќе продолжи успешно да чекори кон зацртаните цели. Долго време сум дел од проектите на УЕФА кои на многу федерации во Европа им даваат поддршка за унапредување на фудбалската инфраструктура и со ФФМ имаме реализирано многу успешни проекти. Она што сакам да го истакнам е дека за прв пат имам прием во кабинет на градоначалник чија општина е дел од проект на УЕФА и позитивно сум изненаден, особено ме радува фактот што и општината планира да вложи свои средства во процесот на унапредување на стадионот. Многу сме задоволни од презентираното, луѓето го сакаат фудбалот и даваат сѐ од себе да го доближат до сите. Ние како УЕФА секогаш ќе даваме поддршка на ваков тип на проекти, а уште по значајно е што овој стадион ќе биде отворен не само за локалните екипи, туку и за националните тимови, изјави претставникот на УЕФА.
Градоначалникот Висар Ганиу, пак изјави дека oпштина Чаир е фокусирана на проекти насочени кон доброто на заедницата.
Се залагаме за што повеќе услови за здрав живот низ спорт и рекреација во нашата општина која воедно е и најгусто населена во државата. Особено радува тоа што и националните селекции повторно ќе имаат можност да играат на стадионот во Чаир, по далечната 2003 година кога му бевме домаќини на Роналдо со репрезентацијата до 21 година на Португалија, изјави Ганиу.
Comments are closed for this post.