Швајцарскиот репрезентативец, Џердан Шаќири, кој е роден во Гњилане, на Косово, може да го пропушти мечот против Црвена звезда во Белград во натпреварот од групата „Ц“ од Лигата на шампионите. Такво е размислувањето на неговиот клуб Ливерпул за натпреварот што се игра во ноември, со цел да не ризикува потенцијална политичка тензија.
Се уште се свежи сеќавањата на прославата на Шаќири на голот против Србија (2:1) на Светското првенство во Русија, кога тој со рацете покажа албански орел. На истиот меч тој на своите копачки го имаше насликано и знамето на Косово, па затоа може да има многу притисок од повеќе од 50.000 фанови на стадионот на Црвена звезда „Рајко Митиќ“.
Затоа, клубот од „Енфилд“ е многу внимателен и сака да избегне каков било инцидент, иако Шаќири во моментов не е во прв план за менаџерот Јирген Клоп.
Натпреварот меѓу Црвена звезда и Ливерпул се игра на 6 ноември во четвртото коло од Лигата на шампионите.
Comments are closed for this post.