Осум часовници кои му припаѓаат на великанот на Формула 1, Михаел Шумахер се продадени за речиси четири милиони швајцарски франци (4,4 милиони долари) на аукција во Женева.

Највредниот часовник на аукцијата, организирана од семејството на Шумахер, е часовникот кој на легендарниот Германец му го подарил поранешниот извршен директор на Ферари, Жан Тод, на Божик 2004 година. Продаден е за 1,5 милиони франци.

Шумахер, кој се повлече од Формула 1 во 2012 година, го дели рекордот за најмногу титули со британскиот возач Луис Хамилтон.

Во декември 2013 година, Шумахер имаше тешка несреќа на скијање на француските Алпи. Откако беше префрлен од болница во септември 2014 година, за него се грижи семејството во Швајцарија.