Саусиското кралско семесјтво е сериозно заинтересирано да стане сопственик на англискиот фудбалски гигант, Манчестер јунајтед. Носител на интересот за купување на „црвените ѓаволи“ е престолонаследникот Мохамед бин Салман, синот на кралот Салман, кој во Манчестер гледа вистинска шанса за пробивање во светот на фудбалот, пишува британскиот весник „Сан“.
Според добро информирани извори на весникот, веќе се остварени првичните контакти, а превземањето на пакетот акции, што сега се во сопственост на американската фамилија Глејзер, би чинело барем 3,5 милијарди евра. Трансакцијата би се извела со инвестиција на компанија во сопственост на саудиското краслко семејство, како лична сопственост на принцот или преку инвестициски фонд.
Според информациите, не е исклучена и можноста, наместо целосно превземање на клубот, саудискиот принц да купи само малцински пакет од акциите.
Како што пишува британскиот весник, во оваа првична фаза од преговорите, не е познато дали фамилијата Глејзер е подготвена да го продаде клубот, со оглед на тоа што тие немаат дадено никаков коментар за таква можност уште до нивното доаѓање во 2005 година.
Сепак, шпекулациите за претстојната зделка добиваат на интензитет со тоа што ко-извршниот директор на клубот, Аврам Глејзер во последно време доста често престојува на Блискиот Исток. Тој дури ќе присуствува и на Иницијативата за идни вложувања, што ќе се одржи во Саудиска Арабија идната недела.
Моменталната вредност на Манчестер јунајтед на берзата изнесува околу 2,8 милијарди евра.
Comments are closed for this post.