Поради одлуката на германските власти, а која е поврзана со корона-протоколите, одложен е натпреварот во Лигата на шампионите помеѓу Фленсбург и Вардар.

„Иако до последен момент имаше навестувања дека германските власти ќе дозволат одигрување на натпреварот Флензбург – Вардар, истиот во последен момент е ОДЛОЖЕН. Причината за одложувањето е последното гостување на Вардар 1961 во Португалија. Бидејќи Португалија е во “црвена зона“ германските власти бараат тимот на Вардар 1961 да биде во карантин доколку пристигне во Германија и сакаат да го играат натпреварот“, стои во соопштението на ракометниот клуб Вардар.

Според нив, планирано било натпреварот со Флензбург да се одигра на 11 февруари во 18,45 часот во Германија.

„За одигрување на истиот меч ќе се бара друг термин и координација со двете екипи“, велат од РК Вардар.

Со оглед на се помалото време до крајот на месецот (рок даден од ЕХФ), речиси невозможно е да се најде начин сите одложени натпревари да бидат одиграни за групната фаза да биде комплетирана.

Поради ова, многу веројатно е дека ЕХФ ќе пристапи до планот Б, сите 16 екипи директно да се пласираат во нокаут-фазата што ќе почне со осминафинални дуели. Вардар како последен во својата група во тој случај би играл во осминафиналето против Барселона, бидејќи каталонскиот гигант е лидер на табелата во другата група од елитното европско натпреварување.