Светското првенство во Катар кое еден месец беше најчеста тема за разговор во Македонија ако се тргне настрана политикaта, е зад нас. Некој е задоволен што нивниот фаворит триумфираше, некој е разочаран, но оние кои немаа омилена репрезентација туку навиваа за убав фудбал се разочарани.
Се чини дека на ова Светско првенство немаше возбудлив фудбал па освен неколку мечеви нема што би запаметиле по неколку години.
Причини за тоа има многу, но најважната е што за прв пат ова првенство се играше среде сезона а не во лето како што е редот. Речиси сите играчи без ден подготовки дојдоа во репрезентацијата па селекторите и немаа многу време за уигрување на тимот.
Затоа голем дел од мечевите во првата фаза завршуваа без голови или со само еден постигнат гол.
Она што ќе остане запаметено е дека оние репрезентации кои играат дефанзивен фудбал, пред се Хрватска и Мароко стигнаа до самата завршница. Селекторите Далиќ и Реграгун знаеја да одиграат тактички и на резултат и затоа за малку не влегоа во финалето.
Од друга страна најдосаден фудбал играа Холандија, Данска и Полска на кои како да им беше најважно да не примат гол а ако постигнат постигнат.
Забележително е што е се помала разликата помеѓу европските и јужноамериканските селекции со тие од Африка и Азија. Освен Катар, кој да не беше домаќин никогаш не би учествувал сите останати селекции покажаа дека со право се на Мундијалот.
Кога сме кај разочарувањата, најмногу потфрлија Германија, Белгија и Србија. Лошата атмосфера во екипата придонесе „црвените ѓаволи“ и „орлите“ на Пикси да се вратат дома уште во првиот круг иако според имињата во составот припаѓаат на самиот врв.
Но, имињата не играат туку тие што ќе го остават срцето на терен за својата земја.
Comments are closed for this post.