По осум години пауза викендов во Кавадарци ќе се одржи ридско-брзински автомобилистички натпревар. Дваесет и четири учесници од различни клубови кои се натпреваруваат со возила во различни категории, денеска дојдоа на технички преглед, ја поминаа верификацијата и имаа тренинг сесија.

Патеката е долга пет километри и триста метри, се стартува од брана Моклиште и се вози до висорамнината Витачево. Ова е четврта трка која годинава се бодува за Државниот шампионат во автомобилизам на ридски патеки.

Главното натпреварување ќе биде утре, а ќе се натпреварува и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Тоа е прв градоначалник и прв политичар во државата што влегува во овие води професионално, член е на клубот. На Балканот, тоа го оствари белградскиот градоначалник, а еве и кавадаречкиот. Има и двајца гости од соседна Бугарија, со што на настанот му се дава меѓународен карактер, рече Мојсие Милосавлевски, директор на трката.

Ги одбрале токму Витачево и Кавадарци, бидејќи, како што нагласи, ова е одлична, атрактивна и многу убава патека, ја знаеле и во соседството. Сакаат во иднина да прерасне во патека која ќе привлече и странски натпреварувачи, ќе се бодува и за европските шампионати и да прерасне во традиција која нема да прекинува.

Организатор на натпреварот е Авто мото клубот „Скопје“, Авотмобилистичката федерација и општина Кавадарци.