Претседателот на Националната пливачка федерација (НПФ), Александар Филипчев на денешната средба со новинарите ги изнесе проблемите со кои се соочува овој спорт, а најмногу пливачите од земјава кои се соочуваат со административни пречки на меѓународните натпревари. Тој го повика досегашниот прв човек на пливањето во Македонија, Александар Маленко да не прави опструкции и достоинствено да ја предаде функцијата, се во интерес на пливањето.

– На Вонредното собрани одржано на 24 април беа донесени неколку одлуки меѓу кои и промена на дотогашното раководство на чело со Александар Маленко кој веќе не е претседател на Националната пливачка федерација. И покрај нашите аргументи, наидуваме на проблеми со старото раководство, како што се лажно претставување, блокирање во меѓународните организации, суспендирање на пливачи, неможност да користиме опрема која припаѓа на федерацијата и сл. НПФ е една и единствена препознаена од државните органи, како и од Светската (ФИНА) и Европската пливачка федерација, истакна Филипчев.

Тој ги кажа амбициите на новото раководство што е под негово водство.

  • Имаме поставени неколку цели, главна е деблокирање на сметката на федерацијата која е со долг од околу 300 илјади евра. Исто така ќе следи во целост исполнување на НПФ, настап на големи европски и светски натпревари, изјави Филипчев.

Претседателот на НПФ очекува од ФИНА во најскоро време да го признае новото раководство и да воспостави комуникација, со оглед на пратената документација, за која Филипчев вели дека е потврда за легалноста на неговиот избор.

На Маленко му се замерува и за причинување за голема штета на федерацијата со давање на реверс на системот за електронско мерење на лице од Нови Сад. Сега, за државното првенство закажано за следниот викенд, федерацијата ќе треба да плати околу 1.000 евра за закуп за мерачи на време, иако поседува таква опрема (електроника, семафор, техничка обработка на податоци).

Останува да се чека на одговорот од ФИНА за да се разјасни состојбата со македонското пливање и пливачите да можат без административни пречки да учествуваат на меѓународните натпревари