Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер започна убедливо на чело на тимот. Тимот предводен од Норвежанецот постигна најубедлива победа од 2013 година наваму, поразувајќи го неговиот поранешен клуб Кардиф со 5:1 како гостин.

Токму поради слабата игра од почетокот на сезоната во Премиер лигата беше отпуштен досегашниот менаџер Жозе Мурињо. „Црвените ѓаволи” заостануваат многу од лидерите во Англија, а „Мирор” денес открива интересна зделка која шефовите на тимот од „Олд Трафорд” и Солскјер ја постигнале при почетокот на заедничката работа.

Весникот тврди дека ако Норвежанецот може да го однесе Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите следната сезона, тој ќе добие бонус од 2 милиони фунти. Шефовите на 20-кратниот англиски шампион не ги интересира дали ова ќе се случи преку освојување на едно од првите 4 места на табелата во Англија или со освојување на овогодинешниот турнир.

Во осминафиналето на турнирот на богатите, „црвените ѓаволи” имаат тешка задача да го надминат францускиот шампион ПСЖ.