Престижниот француски спортски магазин „Франс фудбал“, во своето последно издание направи рангирање на 50 најдобри тренери во историјата.
Како што се наведува во магазинот, при правењето на листата се земале предвид четири критериуми: освоените титули, трагот и наследството што го оставиле врз фудбалската игра, карактерот и долговечноста и ефектот на нивната кариера.
50. Жан-Клод „Коко“ Судо
Две титули и едно полуфинале во Купот на шампионите со Нант, каде што беѓше тренер повеќе од една декада во различни епохи
49. Антонио Конте
Три титули во Италија со Јувентус и една во Англија со Челзи
48. Марсело Биелса
Три национални титули во Аргентина со Њуелс Олд Бојс и Велез Сарсфилд, како и олимписко злато со Аргентина во 2004 година. Тренер што остава поголем траг со својата методологија на работа, отколку со титулите.
47. Рејмонд Хуталс
Со Олимпик Марсеј стана европски шампион како првиот тренер што ја освоил Лигата на шампионите со француски клуб. Хуталс го освои и Купот на победниците на куповите со Андерлехт, со кого освои и два Суперкопа на Европа. Има и две белгиски титули со Стандард Лиеж и две француски титули со Олимпик Марсеј
46. Ото Рехагел
Со репрезентацијата на Грција стана европски шампион во 2004 година. Претходно со Вердер Бремен го освои купот на УЕФА, како и две титули во Бундеслигата, натпреварување што го освои и со тимот н Кајзерслаутерн.
45. Франк Рајкард
Со Барселона ја освои Лигата на шампионите, а има и две титули во шпанското првенство.
44. Луис Арагонес
Триесет години тренерска работа во Шпанија. Со шпанската репрезентација стана Европски првак во 2008 година, а со Атлетико Мадрид има една титула во Ла Лига, како и Интерконтинетален куп во 1974 година.
43. Штефан Ковач
Освои два Купа на шампионите по ред со екипата на Ајакс, каде што го продолжи „тоталниот фудбал“ на Ринус Михелс. Со Ајакс има и две титули во домашното првенство, а шампион бил и со Стеауа во Романија.
42. Томислав Ивиќ
Шампион во шест различни првенства, трипати со Хајдук (Југославија), Ајакс (Холандија), Андерлехт (Белгија), Порто (Поругалија), Олимпик Марсеј (Франција), Ал Итихад (Саудиска Арабија). Со Порто ги освои и еврпскиот Супер Куп, и Интерконтиненталниот куп.
41. Мирчеа Луческу
Тренер којшто од 1979 година работи на многу места во светот. Со Шајтјор Дољецк го освои УЕФА купот и осум домашни титули, со Галатасарај го освои европскиот Супер Куп и еднаш беше шампион на Турција, а шампион бил и со Бешикташ во Турција, како и со Рапид Букурешт и Динамо Букурешт во Романија.
40. Детмар Крамер
Со екипата на Баерн Минхен освои две последователни титули во Купот на Шампионите во 1975 и 1976 година.
39. Боби Робсон
Еден од најголемите англиски тренери во историјата. Со Барселона го освои Купот на победниците на куповите во 1997 година, со Ипсвич Таун УЕФА Купот во 1981 година, а има и по две титули во Холандија со ПСВ Ајндховен и во Португалија со Порто.
38. Хенес Вајсвајлер
Со Борусија Менхенгладбах го освои УЕФА купот и три Бундеслиги, а титули освои и со Келн (Германија), Њујорк Космос (САД) и Грасхоперс (Швајцарија).
37. Рафа Бенитез
Со Ливерпул ја освои Лигата на шампионите и европскиот Супер Куп во 2005 година. Со Валенсија го освои УЕФА купот и двапати беше шампион на Шпанија, со Челзи ја освои Еврoпа Лигата, а со Интер Светското клупско првенство.
36. Вик Бакингем
Тренерот кој му даде шанса за деби на Јохан Кројф во Ајакс. Се смета за предвесник на тоталниот фудбал. Има една титула со Ајакс и по еден освоен куп со Вест Бромвич Албион во Англија и Барселона во Шпанија.
35. Теле Сантана
Вистинска легенда во Бразил, се смета за тренер што повторно го врати во преден план целосно напаѓачкиот начин на игра „Жого бонито“. Со Сао Паоло двапати ги освои Либертадорес купот и Интерконтиненталниот куп во 1992 и 1993 година, кога славеше против Барселона на Јохан Кројф и Милан на Фабио Капело.
34. Џок Стајн
Десет титули и еден Куп на шампионите со Селтик. Вистинска институција на шкотскиот фудбал.
33. Висенте Дел Боске
Двапати ја освои Лигата на шампионите со Реал Мадрид, во времето на „галктикосите“. По еднаш ги освои европскиот Суоер Куп и Интерконтиненталниот куп, а има и две титули во шпанската Примера. Беше и селектор на „златната генерација“ на шпанската репрезентација со која стана светски шампион во 2010 и европски шампион во 2012 година.
32. Арсен Венгер
Тренер на „непобедливиот“ тим на Арсенал, кој ја освои титулата во Премиер лигата без ниту еден пораз. На чело на „топчиите“ мина 22 години и освои три првенствени титули и седум трофеи во ФА купот. Има една титула и со Монако во Франција пред да дојде во Арсенал.
31. Диего Пабло Симеоне
Ја промени историјата на Атлетико Мадрид и го издигна клубот во врвит на европскиот фудбал. По двапати ја освои УЕФА Европа лигата и европскиот Супер Куп, а има и две финалиња во Лигата на шампионите. Во домашните првенства има титули во Шпанија, како и во родната Аргентина со екипите на Естудијантес и Ривер Плата.
30. Удо Латек
Во свое време најтрофејниот и најпопуларниот германски тренер. Со Баерн Минхен го освои Купот на шампионите и во два наврата по три домашни титули, со Борусија Менхенгладбах го освои УЕФА Купот (во 1979 година против Црвена звезда) и две титули во Германија, додека со Барселона го освои Купот на победниците на куповите.
29. Гус Хидинк
Тренер кој испиша историја со холандски ПСВ Ајндховен, со кој славеше во Купот на шампионите во 1988 година, а освои и шест домашни титули. Го освои и Интерконтиненталниот куп со Реал Мадрид во 1998 година, а со Челзи ФА купот во 2009 година.
28. Албер Бату
Со Стад Ремс и Сент Етјен освои осум титули во француското првенство, што е рекорд. Со Ремс во 1956 и 1959 година беше финалист во Купот на шампионите, кога двапати загуби од Реал Мадрид предводен од Алфредо Ди Стефано.
27. Јирген Клоп
Специјалист за креирање екипи што го играат неговиот препознатлив стил. Има две германски титули со Борусија Дортмунд, а двапати играше и во финалето на Лигата на шампионите со Борусија и со Ливерпул, кога загуби од Баерн Минхен и Реал Мадрид.
26. Боб Пајсли
Три титули во Купот на шампионите, една во УЕФА Купот, една во европскиот Супер Куп и шест титули во англиското првенство како тренер на Ливерпул, со што е една од митските фигури во англискиот фудбал.
25. Јуп Хајнкес
Еден од тренерите што ја освоил Лигата на шампионите со два клуба, со Реал Мадрид во 1998 година и со Баерн Минхен во 2013 година. Како тренер на Баварците во два наврата освои и четири титули во Бундеслигата.
24. Херберт Чепмен
Еден од најуспешните и највлијателните тренери во англискиот фудбал во почетокот на 20. век, пред неговата ненадејна смрт во 1934 година. Се смета за фудбалски иноватор, кој со својата тактика „WM“ со тимот на Арсенал стана еден од пионерите на развојот на европскиот фудбал.
23. Виктор Маслов
„Таткото“ на формацијата 4-4-2 честопати се смета за еден од најиновативните и највлијателните тренери во фудбалската историја. Маслов прв почнал да експериментира со исхраната на фудбалерите, а и прв почнал да применува пресинг врз противничката екипа, што според некои се смета за „раѓање“ на модерниот фудбал. Има освоено бројни титули во СССР со екипите на Торпедо Москва и Динамо Киев и една со Арарат од Ереван.
22. Зинедин Зидан
Единствен што успеал да освои три последователни титули во Лигата на шампионите, нешто што на Зидан му успеа со Реал Мадрид, во трите сезони во кои го предводеше клубот. Под негово водство „кралскиот клуб“ по двапати ги освои европскиот Супер куп и Светското клупско првенство, а еднаш беше шампион и во шпанската Примера.
21. Фабио Капело
Освојувач на домашни титули во две држави со четири различни екипи, Милан (4 титули), Јувентус (2 титули) и Рома (1 титула) во Италија и со Реал Мадрид (2 титули во два наврата) во Шпанија. Со Милан ги освои и Лигата на шампионите и европскиот Супер куп во 1994 година.
20. Бела Гутман
Со екипата на Бенфика освои две титули во Купот на шампионите, како и две титули во домашното првенство. Има домашна титула и со Порто, две со Ујпешт во Унгарија, како и една во националното првенство на Сао Паоло со бразилскиот Сао Паоло. Имаше повеќе од 40 години тренерска кариера.
19. Отмар Хицфелд
Еден од ретките што ја има освоено Лигата на шампионите со две различни екипи, Борусија Дортмунд во 1997 година и Баерн Минхен цо 2001 година. Има и пет германски титули со Баерн, две со Борусија, како и две со Грасхоперс во Швајцарија.
18. Луј Ван Гал
Тренер на последниот „голем“ Ајакс со кој ја освои Лигата на шампионите во 1995 година, УЕФА купот во 1992 година, европскиот Супер куп и Интерконтиненталниот куп во 1995 година и три титули во холандското првенство. Со Барселона има две титули во домашното првенство и европски Супер куп, како и титули со АЗ Алкмар во Холандија и со Баерн Минхен во Германија. Беше тренер и на Манчестер јунајтед, каде освои еден ФА куп.
17. Нерео Роко
Тренерот што го промовираше „катеначото“ во Италија. Со екипата на Милан по двапати го освои Купот на шампионите (1963 и 1969 година) и Купот на победниците на куповите (1968 и 1973 година), Интерконтиненталниот куп (1969 година), а освои и две Скудета и три купа на Италија.
16. Марчело Липи
Со репрезентацијата на Италија го освои Светското првенство во 2006 година, а го предводеше и Јувентус до неговата последна титула во Лигата на шампионите (1996 година). Истата сезона ги освои и европскиот Супер куп и Интерконтиненталниот куп, а освои и пет титули во Серија А.
15. Брајан Клав
Најголема легенда на Нотингем Форест со кого освои една титула во Англија (1978) и две во Купот на шампионите (1979, 1980). Го освои и европскиот Супер куп во 1979 година, а шампион на Англија стана и со Дерби Каунти (1972). Познат по своите контроверзни настапи на прес-конференциите. Во знак на благодарност и почит кон него, делот од автопатот А52 што ги поврзува Нотингем и Дерби беше преименуван во „Патот на Брајан Клав“.
14. Мигел Муњоз
Со Реал Мадрид двапати го освои Купот на шампионите (1960 и 1966 година), еднаш Интерконтиненталниот куп (1960) и дури девет пати шпанското првенство. Со мадриѓаните беше и финалист во Купот на победниците на куповите, а со репрезентацијата на Шпанија загуби во финалето на Европското првенство во 1984 година.
13. Жозе Мурињо
Уште еден од тренерите што ја освоиле Лигата на шампионите со две различни екипи, Порто (2004) и Интер (2010). Со Порто го освои и УЕФА купот (2003), додека со Манчестер јунајтед беше шампион во Европа лигата (2017). Титули во домашните првенства освои со Порто (2003, 2004), Челзи (2005, 2006, 2015), Интер (2009, 2010) и со Реал Мадрид (2012).
12. Џовани Трапатони
Освојувач на титули во четири различни држави (Италија, Португалија, Португалија и Австрија) и, заедно со Удо Латек, единствен што ги освоил трите најголеми европски натпреварувања (Купот на шампионите, Купот на победниците на куповите и УЕФА купот. Најуспешна му беше етапата во Јувентус каде што ги освои Купот на шампионите (1985), Купот на победниците на куповите (1984), УЕФА купот (1977 и 1993), европскиот Супер куп (1984) и Интерконтиненталниот куп (1985), како и шест титули во Серија А. Со Интер го освои УЕФА купот (1991) и титулата во Серија А (1989). Титули во домашното првенство освои и со Баерн Минхен, Бенфика и Ред Бул Слацбург.
11. Мат Бесби
Тренер на екипата на Манчестер јунајтед за време на трагичната авионска несреќа на „Бесбиевите бебиња“. Во 1968 година стана првиот тренер на англиска екипа што го освоил Купот на шампионите кога со Манчестер дојде до драгоцениот трофеј. Со клубот освои и пет титули во англиското првенство, две во ФА купот и пњт Черити шилд трофеи.
10. Бил Шенкли
Со Ливерпул освои три титули во англиското првенство и една во УЕФА купот. Со својата тактичка замисла ја постави основата на која неговите наследници на клупата на „црвените“, Боб Пајсли и Џо Феган, успеаја да изградат тим што освои седум домашни титули и три титули во Купот на шампионите во 10 сезони откако Шенкли се пензионира во 19745 година.
9. Ернст Хапел
Еден од најуспешните тренери на сите времиња, го освои Купот на шампионите со две екипи, Феенорд (1970) и Хамбургер (1983), а освојувал титули и куп во Холандија, Белгија, Германија и Австрија. Со Феенорд го освои и европскиот Супер куп, а со Холандија го освои второто место на Светското првенство во 1978 година.
8. Карло Анчелоти
Троен освојувач на Лигата на шампионите и шампион во првенствата на четири различни држави. Со Милан ги освои Лигата на шампионите (2003, 2007), европскиот Супер Куп (2003, 2007), Светското клупско првенство (2007) и Серија А (2004). Со Реал Мадрид ги освои Лигата на шампионите (2014), Супер купот на УЕФА (2014) и Светското клупско првенство (2014). Со Јувентус го освои Интертото купот (1999), а освои првенствени титули со Челзи (2010), ПСЖ (2013) и со Баерн Минхен (2017).
7. Еленио Ерера
Тренерот наречен „магионичарот“ се прослави со усовршувањето на катеначото со кое освои две титули во Купот на шампионите со Интер (1964, 1965). Со „неро-аѕурите“ има и две титули во Интерконтиненталниот куп (1964, 1965), како и три титули во Серија А. По две титули во домашното првенство, Ерера освои и со Атлетико Мадрид и со Барселона, тимот со кој двапати го освои и Купот на Саемските градови.
6. Валери Лобановски
Најуспешниот тренер во иосторијата на СССР, кој со Динамо Киев беше важен фактор во европскиот фудбал. Со украинскиот гигант двапати го освои Купот на победниците на куповите (1975, 1986), а еднаш и европскиот Супер куп (1975). Има осум титули во првенството на СССР и пет во првенството на Украина, а како селектор на СССР го освои второто место на Европското првенство во 1988 година.
5. Хозеп Гвардиола
Барселона под негово водство стана една од најдобрите екипи во историјата и во тој период освои два трофеја во Лигата на шампионите (2009, 2011), два во европскиот Супер куп (2009, 2011) и два на Светското клупско првенство (2009, 2011), а освои и три домашни титули. Трофеи освојуваше и со Баерн Минхен и тоа европскиот Суепр куп и Светското клупско првенство во 2013 година, како и три титули во Бундеслигата, а има и една титула во англиската Премиер лига со Манчестер сити.
4. Јохан Кројф
Еден од највлијателните тренери во историјата и голем поклоник на тоталниот фудбал. Трофејната тренерска кариера ја почна во својот Ајакс, со кој го освои Купот на победниците на куповите (1987). Најголемиот тренерски успех го постигна со Барселона, кога со „дрим тимот“ ги освои Лигата на шампионите (1992), Купот на победниците на куповите (1989) и европскиот Супер куп (1992), како и четири последователни титули во шпанската Примера.
3. Ариго Саки
Во два наврата беше тренер на Милан со голем успех. Ја освои Серија А во својата деби сезона (1987-1988) по што доминираше во Европа, освојувајќи го Купот на шампионите две години по ред (1989, 1990), како и трофеите во европскиот Супер куп и Интерконтиненталниот куп. Беше селектор на Италија на Светското првенство во 1990 година кога „аѕурите“ загубија во финалето против Бразил и тоа на пенали. Негова е изреката „Фудбаклот е најважната споредна работа на Светот“.
2. Алекс Фергусон
Легендарниот тренер на Манчестер јунајтед на чие чело беше во текот на 26 сезони. Со „црвените ѓаволи“ двапати ја освои Лигата на шампионите (1999, 2008), Купот на победниците на куповите (1991), европскиот Супер куп (1991), Интерконтиненталниот куп (1999), Светското клупско првенство (2008), 13 пати беше шампион на Англија, пет пати го освои ФА купот, четири пати Лига купот и 10 пати Черити шилд трофејот. Пред да застане на чело на Манчестер, со шкотски Абердин Фергусон ги освои Купот на победниците на куповите и европскиот Супер куп во 1983, како и три титули во шкотското првенство.
1. Ринус Михелс
Се смета за изумител на тоталниот фудбал во 1970 година, а во 1999 година ФИФА го прогласи за тренер на векот. Целата играчка кариера ја мина во Ајакс каде што како тренер го освои Купот на шампионите (1971), а освои и четири титули во холандското првенство. Клупски првенствени титули освои и со Барселона и со Келн. Голем тренерски успех, Михекс имаше и како селектор на Холандија со која го освои Европското првенство во 1988 година, а беше втор на Светското првенство во 1974 година.
Comments are closed for this post.