Македонската фудбалска репрезентација денеска ги почна ми подготовките за контролниот натпревар против Саудиска Арабија и пресметката од мундијалските квалификации против Лихтенштајн.

Македонските фудбалери в четврток во Прага ќе играат против Саудиска Арабија, пред да го пречекаат Лихтенштајн во Скопје на 7 септември во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026.

Поради повреда, Димитар Митровски не е дел од репрезентацијата, додека на првиот тренинг отсуствуваа Елиф Елмас и Дарко Чурлинов, кои утре ќе се стават на располагање на селекторот Благоја Милевски.

„Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари“, изјави напаѓачот Бојан Миовски за официјалниот сајт на ФФМ.

Миовски ѝ се приклучи на репрезентацијата, откако минатиот викенд ја смени клупската средина и од Жирона потпиша за Глазгов Ренџерс.

„Кога дојде понудата од Ренџерс не се двоумев, тренерот ми даде дополнителна поддршка и среќен сум поради тоа. Дебитирав против Селтик, прв пат почувствував таква атмосфера, знаеме какво е ривалството меѓу двете екипи. Во Џирона не беше сè сјајно, имавме лоша сезона, колективно и индивидуално. Едноставно бев во погрешно време таму и морав да донесам одлука за мојата иднина. Се вратив во шкотската лига каде што претходно настапував во Абердин, но сега во многу поголем историски клуб, рече Миовски.