Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ имаше солидно издание во првиот натпревар од шпанското првенство, во кој неговиот тим Хувентуд загуби од Реал Мадрид со 69:88.

На мечот во Бадалона, гостите извојуваа очекувана победа, а нашиот интернационалец беше прилично активен за оние 15-тина минути кои ги мина во игра. Единствениот Македонец во АЦБ лигата на дербито со Реал даде 7 поени, а имаше и три асистенции, два скока, но и три загубени топки и двапати беше изблокиран.

Хувентуд погоди само три тројки од 25 обиди, и со таква лоша реализација, не можеше да се надева на сензација. Време за жалење и анализи нема, бидејќи уште утре Хувентуд го игра својот меч од второто коло, на гости кај Реал Бетис.