Лино Червар на СП во Египет за последен пат ја водеше хрватската репрезентација, но поранешниот македонски селектор не се прослави. Покрај резултатскиот неуспех, Червар се соочи и со нови здравствени проблеми, па по враќањето назад во Загреб мораше да мине и неколку дена во болница.

Во разговор за весникот „24 Сата“ Лино откри дека првиот проблем е надминат, но и дека наскоро би можел да замине на операција.

Вадев камења од бубрезите, имав сериозни проблеми. Минав четири дена во болница, ми ставија катетар. Се надевам дека тие проклети проблеми конечно се готови. За жал, се уште го имам оној проблем со грбот што ме мачи подолго време, нерв што удира на рбетот. Мораме да направиме детални прегледи па да решиме дали ќе морам да одам на операција“, изјави 70-годишниот Червар.