Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, и финскиот лев бек Макс Гранлуд се на врвот на листата на стрелци со по 17 гола по првите два квалификациски меча за пласман на ракометното Европско првенство во 2022 година, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка. Зад нив е Швајцарецот Енди Шмит со 16 погодоци, а по 14 реализации имаат Швеѓанецот Лукас Пелас и Естонецот Карл Том.
Највисоките победи во првите две квалификациски кола ги забележаа скандинавските селекции, Данска (победа со 18 гола разлика), Норвешка (15) и Шведска (14), а потоа следува Германија (12). Пет селекции (Македонија, Германија, Португалија, Данска и Шведска) забележаа перфектен скор со по две победи во двете одиграни кола и се доближија до обезбедување пласман на 15-то континентално првенство.
Во двете квалификациски кола беа одиграни 18 меча, а како последица на пандемијата на коронавирусот беа одложени дури 14 натпревари. Дел од одложените натпревари од првите две кола и дел од мечевите што беа предвидени за мартовските квалификации добија нови датуми и ќе се играат од 5 до 10 јануари в година, во подготвителната недела пред почетокот на Светското првенство во Египет.
Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите. Директен пласман на континенталното првенство во 2022 година, пак, обезбедија домаќините Унгарија и Словачка, како и финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска.
Кирил Лазаров и Макс Гранлуд се на врвот на листата на стрелци на ЕП
Pressingtv.mk - содржините се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.