Македонскиот ракометен тим Вардар денеска од 18 часот излегува против фаворитот Барселона во полуфиналето на „Фајнал Фор“ турнирот кој се игра во Келн. Двата тима ќе играат реприза на мечот од Ф4-турнирот во 2017 година, кога „црвено-црните“ станаа шампиони.

Каталонците се фаворити поради квалитетот со кој располагаат во тимот, но и поради меѓусебниот скор сезонава. Барселона двапати славеше против Вардар и тоа со резултат 30-26 во Скопје и 34-26 во „Блауграна“.

Таквите резултати, сепак, не ги обесхрабрува „цевено-црните“, па така, Игор Карачиќ, кој настапи за „црвено-црните“ на сите досегашни „Ф4“ настапи, смета дека има доста сличности со  шампионската сезона од пред две години кога Каталонците беа совладани во полуфиналето. Карачиќ верува се е можно и најави дека тој и неговите соиграчи ќе дадат се од себе повторно да слават против големиот ривал на Фајнл фор дуелот.

Сето ова ме потсетува на 2017 година. Дојдовме во Келн без притисок, сакаме на сите да им ги замрсиме сметките. Тоа ни успеа пред две години. Лани дојдовме освојувачки и имавме премногу притисок. Се радувам на овој Ф4. Немаме што да загубиме. Играме според мене против најдобриот тим не само во Европа туку и во светот. Сепак, годинава Вардар покажа дека има карактер и срце и дека се враќа од тешки ситуации. Ќе дадеме сè од себе за да ја совладаме Барселона. Секој има 25 проценти шанса за титулата. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до успех – Карачиќ, цитиран од сајтот на Вардар.

Капитенот на Вардар, пак, Стојанче Стоилов во својот прв коментар пред утрешната пресметка со Барселона ја префрла улогата фаворит на противникот.

Третпат по ред сме тука. Не сме фаворити туку играме против најголемиот фаворит на годинешниот „Ф4“ – Барселона. Овој тим имаше одлична сезона. Сепак, тука во Келн годинава сите имаат свои шанси. Се работи за еден натпревар, никој не може да знае како ќе отвориме и сè може да се случи на терен – вели Стоилов.