Македонскиот спорт наскоро би може да остане без Агенцијата за млади и спорт (АМС), откако стануваат сѐ погласни најавите дека ќе се припои во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи Артан Груби. Ако тоа се случи, АМС би ја загубила независноста, а со тоа и голем дел од ингеренциите.
Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) со отворено писмо се обрати до Владата на Македонија изразувајќи длабока загриженост, незадоволство и разочараност во врска со најавената реорганизација на органите на државната управа, со која се предвидува спуштање на АМСна пониско ниво и нејзино приклонување кон Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Првиот вицепремиер Груби во јавноста е познат и како поранешен водач на навивачката група „Шверцери“.
Со предложената реорганизација, Агенцијата за млади и спорт од досегашниот статус на самостоен орган ќе премине на пониско ниво како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците, со помалку ингеренции и самостојност во работењето, како и со многу стеснет делокруг на работа, занемарувајќи ги во целост различните потреби на младите. Ваквата реорганизација на органите на државната управа доведува до исклучително деградирање на институциите надлежни за млади, како и потценување на младинските прашања, што дополнително укажува на самата положба на младите во државата, каде наместо истите да бидат приоритет на владините политики, младите се занемарени и се ставаат во заден план, се наведува во писмото.
Националниот младински совет на Македонија смета дека ваквата реорганизација на државната управа е штетна за младите.
Воедно како претставничко тело на младите длабоко веруваме дека се потребни реформи во јавната администрација и од таа причина бараме Агенцијата за млади и спорт да прерасне во Министерство за млади и спорт, по примерот на мнозинството држави во Европа. Македонија е една од ретките држави во Европа, која ваквиот важен сектор млади го има ставено на ниво на Агенција, наместо на ниво на Министерство за млади, се додава во писмото.
Националниот младински совет на Македонија бара средба со Владата за да се најдат решенија кои соодветно ќе ги адресираат проблемите на младите и ќе одговорат на нивните потреби. Дополнително, Националниот младински совет на Македонија ги става на располагање своето искуство и капацитети за постигнување на соодветно законско решение за трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ресорно министерство, доколку за тоа постои искрена волја од извршната и законодавната власт.
Националниот младински совет на Македонија е претставничко тело на младинските организации во Македонија. Тоа обединува 51 организација-членка, со цел промоција и застапување за младите и правата на младите во Македонија.
Од земјите во регионот, Србија, Бугарија и Црна Гора имаат Министерство за млади и спорт, во Албанија постои Министерство за благосостојба на младите и децата, додека во Косово функционира Министерство за култура, млади и спорт.
Comments are closed for this post.