Прочуениот тренер, Грег Поповиќ, на ден пред екипирањето на составот за почетокот на подготовките за Светското првенство во Кина, дозна на кого може да смета бидејќи откажувања пристигаа се до последен момент.
Последен во низата кој ја одби поканата на Поповиќ е Џулиус Рендал од Њујорк Никс, кошаркар кој не е ни во првиот ешалон на НБА ѕвездите.
Отказот на Рендал практично никого не изненади во Америка, а локалните медиуми единствено му забележуваат што на тој потег се одлучил непосредно пред заминувањето на подготовки, а не порано како што тоа го направија далеку познатите Џејмс Харден или Ентони Дејвис.
Меѓу најдобрите играчи на кои Поповиќ нема да може смета заради откажувања се и: ЕрикГордон, Бредли Бил, Тобајас Херис, Си Џеј Меколум, Демијан Лилард, Кевин Лав, Андре Драмонд…
Грег Поповиќ на собирот на тимот не сакаше да зборува за оние кои ги нема, а на играчите на кои може да смета им порача да го осветлат образот на земјата за која настапуваат.
„Ние сме одговорни не само да бидеме најдобри на теренот, туку и како се однесуваме имајќи предвид дека ги носиме дресовите на репрезентацијата на САД. Ние претставуваме голем број луѓе и немаме само одговорност кон државата, туку и да продолжиме со успесите кои репрезентацијата ги бележеше изминатата деценија и подолго од тоа“, порача Поповиќ на своите кошаркари.
Американските медиуми наведуваат дека Поповиќ на првиот тренинг одржал емотивен говор пред насобраните играчи, дека им зборувал за традицијата и колку е важно за секој кошаркар да игра за репрезентацијата.
Селекторот на кошаркарите наводно им напоменал и тоа дека токму заради тоа што се тука, како резерви, треба да покажат дека незаслужено биле во втор план и дома да се вратат со златен медал кој ќе биде посјаен од секој НБА прстен, затоа што е изборен во борба за својата земја.
Comments are closed for this post.