Од Англија пристигна потврда дека сопственикот на премиерлигашот Лестер, Тајланѓанецот Вишаи Шриваднапраба бил еден од петтемина патници во хеликоптерот што се сруши непосредно до стадионот, по што целосно изгоре. Покрај Вишаи, во хеликоптерот била и неговата ќерка, Ворамас, заедно со двајца пилоти и едно лице коешто засега не е идентификувано.

Иако, се уште нема официјална потврда за нивната смрт, клубовите и фудбалерите од Англија, но и од целиот свет испраќаат сочувство за Лестер. Истовремено, стотици фанови поминуваат крај „Кинг Пауер“ стадионот и оставаат свежо цвеќе и пораки со молитви за настраданите.

Несреќата се случи по натпреварот на Лестер со Вест Хем што заврши 1:1, кога сопственикот на клубот, како што му беше обичај, се качил во хеликоптерот што го чека на средина од игралиштето. Сепак, овојпат, само што ја прелетал трибината, хеликоптерот имал проблеми со задниот пропелер по што загубил контрола и паднал на паркингот до стадионот, по што бил целосно зафатен од пожар.


Од службата за односи со јавност на клубот соопштија дека соработуваат на секој можен начин со полициските и болничките служби по трагичната несреќа.

Шриваднапраба е сопственик на компанијата „Кинг Пауер“ којашто го купи клубот во август 2010 година. Под негово раководство Лестер во сезоната 2015/2016 ја освои и титулата во Премиер лигата.