Хеликоптерот на сопственикот на фудбалскиот клуб Лестер, се урнал непосредно по полетувањето од „Кинг Пауер“ стадионот. Првично има контрадикторни и непотврдени информации дали Тајланѓанецот Вишаи Шриваданапраба се наоѓал во леталото.

Како што извести Скај Спортс, заменик генералниот директор на клубот и син на сопственикот, Вишаи, Ајават Шриваданапраба не се наоѓал во леталото. Исто така, во хеликоптерот не бил ниту спортскиот директор на клубор, Џон Радкин.

Според првичните информации од англиските медиуми, веднаш по полетувањето хеликоптерот имал технички проблеми, избил пожар во кабината, по што паднал на паркингот веднаш до стадионот.

Други извештаи, пак, повикувајќи се на изјави од очевидци, велат дека имало проблем со задниот пропелер на хеликоптерот поради што тој почнал неконтролирано да се врти и се срушил на земја, по што и се запалил.

Како што објаснуваат англиските медиуми, сопственикот на клубот имал обичај да се качи во хеликоптерот што го чека на средина од теренот по секој натпревар и да замине со него заедно со членови на семејството или гости. Така било и сега, кога хеликоптерот полетал од центарот на игралиштето по дуелот на Лестер со Вест Хем, што заврши 1:1.

Тајланѓанецот е сопственик на компанијата „Кинг Пауер“ којашто го купи клубот во август 2010 година. Под негово раководство Лестер во сезоната 2015/2016 ја освои и титулата во Премиер лигата.