Ликот на фудбалерот Ерик Максим Чупо-Мотинг стана топ тема на сите спортски сајтови. Фудбалерот на Пари сен Жермен направи нешто неверојатно, што може да се нарече како пропуст на столетието.

Чупо-Мотинг без да сака, а можеби и од егоизам, спречи стопостотен гол на неговиот соиграч Кристофер Нкунку. Ситуацијата стана дури и комична, зашто наместо само да ја остави или да ја бутне топката во голот и парижаните да дојдат во водство од 2:1, бившиот играч на Стоук сити ја спречи на самата гол-линија.

А, тоа се случи само 90 секунди по израмнувањето на Страсбур. Пред тоа, истиот играч Чупо-Мотинг ги доведе домакините во водство.

Мечот заврши со резултат 2:2, а на парижаните им беше потребна победа за да ја освојат шестата последователна титула во францускиот шампионат, но сега ќе мора да причекаат до наредниот натпревар.