Ангажманите на Луис Скола во Олимпија Милано и на Малколм Дилејни во Барселона, се последните потези за заокружување на составите на екипите што ќе настапуваат во новата сезона на кошаркарската Евролига. А според бројот на трансфери на звучни имиња, како од Европа, така и од преку Океанот, оваа сезона навестува крајно неизвесна борба за победа на Фајнл-форот што ќе се одржи во Келн.

Титулата ќе ја брани рускиот гигант ЦСКА Москва, кој летово го загуби францускиот ас, Нандо де Коло, но во своите редови ќе ги има Мајк Џејмс, Рон Бејкер или Коста Куфос.

Според најавите и имињата на новите засилувања, како најголем фаворит за преземање на титулата е Барселона, која во своите редови донесе играчи како Брендон Дејвис, Алес Абринес, Кори Хигинс, но и најзвучното име што сезонава ќе игра во Европа, шпанскиот репрезентативец Никола Миротиќ.

Освен овие два тима, при врвот на фаворитите секогаш мора да се смета на Фенербахче, кој и сезонава ќе биде предвоен од Жељко Обрадовиќ, а како засилувања за на терен ги има Нандо де Коло и Дерик Вилијамс.

Тука е и Реал Мадрид, кој го задржа костурот што му носи одлични резултати во изминатите неколку сезони, а редовите ги засили со ланскиот МВП на шпанското првенство, Аргентинецот Николас Лапровитола и амриканскиот ценатр Џордан Мики.

Ново име меѓу фаворитите е Милано, кој освен со играчи како Серхио Родригез или Скола, се засили и со стручњак каков што е Еторе Месина, а тука се и секогаш силните грчки гиганти Олимпијакос и Панатинаикос, како и ланскиот учесник на Фајнл-форот, Анадолу Ефес.